Штркот Единак

КОН „ГЕОГРАФИЈА НА МАЛЕНКОСТА“ ОД АЦО ГОГОВ

јануари 16, 2010 · 19 коментари

Извадоци од „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов:

Го испишав денот како писмо, со калиграфски букви. Ја напишав точната височина на незадоволствата, ја утврдив широчината на сопствените стравови, не заборавив да ја обележам и косината помеѓу пролетта и летото, со модро мастило ја означив оддалеченоста меѓу љубовта и омразата и, еве сум! Буквите на денот се пред мене, трајни и непроменливи. Го испратив денот напишан со краснописни букви на позната адреса – до себе.

* * *

Под постелата ставивме цело едно море, древно море, неколку морски ѕвезди, една школка и еден светилник. Требаше да се испитаат заминувањата и враќањата, сомотните бранови, плачовите и поздравите кога ширта останува пуста, а на хоризонтот осамнуваме ние, како мали деца затекнати во пловидба кон сопствените води. Во постелата ставивме и неколку солени зборови – нашиот звучен брод за вечноста.

* * *

Во сонот, види чудо, зборовите се ослободени од својата тежина и се преместуваат од едно на друго место. Сонување, не во слики, ами во зборови! Мали немирковци на кои не им е доволен денот, па за себе ја земаат и ноќта. Еден од нив – да/се/коктеламе, ја има главната улога (крал од бајка?). Коктеламе: тоа е бесплатно пиење во некоја свечена пригода. „Кралот“ не постои во ниту еден речник, ама што му можеш – тука е!

* * *

Нунка. Жена која помага при породувањето на децата, но и жена која најчесто ги крштева истите деца, им дава имиња. Таа, која давала имиња на безброј други, самата останала без име. Таа не е онаа која обично ја нарекуваме „бабица“. Нунката е еден вид колективна мајка на целото село, женски принцип, неусловена љубов, неписмен поет кој ги создава зборовите-имиња. О, обезимена мајко! Го пишувам твоето име: нунка.

* * *

Го создаваш од земна прав, од кал; го месиш според мените на Времето. Ставаш троа вода и смесата се тркала, се витка; се кикоти со смеата на предците и ги повикува нивните сенки како стражари пред оваа чудна игра на оживување на слоговите. Неверојатно, купчето е час кула, час куќарка, сега е облак, а потем сонце. Најпосле, ете, Зборот е тука – своеглав и грешен како тебе. Стои како нем обвинител над твојата глава.

* * *

Лондонското око е огромен џиновски тобоган – мрежеста вртелешка која ги врти посетителите во круг (од долу нагоре и од горе надолу) надвисната над водите на Темза, веднаш спроти британскиот парламент. Левото уво е рид над Струмица, веднаш спроти познатите Цареви кули. И, што? Каква е врската меѓу нив? Никаква, можеби, но, сепак – не: и Окото и Увото се делови од човечкото тело. Метафоричноста на јазикот. Ние самите сме мера на нештата – и кога стоиме и кога се вртиме во круг. Така ни е подобро. Ете.

* * *

Телеграфија на дождот. Упорни, ѕвонливи знаци кои ја раскажуваат историјата на небото. Стуткани во сопчето-скривалиште ги одгатнуваме тајните пораки упатени на земјата, звучните вокали и шумните согласки, прекорите и пофалбите, блицот на молњите и обрушувањето на грмотевиците. Под прозорчето – око на светот – расте болното зеленило на раното лето. Се огледуваме долго во уличните водени барички. Со сонливи лица!

* * *

Трудна кучка со надуен стомак ги пречекува случајните намерници но и посетителите, се умилкува превртувајќи се на мазните плочи, мал Кербер кој го чува влезот во пештерската црква „Св. Атанасиј“ во Струга. Монашки ќелии издлабени во каменот, две долу и една горе, на катот, простори римувани со темнината и тишината, невидливи стапалки на некогашните машки пустиножители, темјан, дрвени скали како мост кон небото!

* * *

Оса која се прилепила до стаклото внатре во месарницата и брмчи, брмчи – се обидува да го продупчи излогот кој ја затворил во нејзината немоќ.

И месарскиот чирак, вито момче со лице на дете, брмчи, брмчи: „Телешкото месо е најдобро за манџа, многумина тоа не го знаат, тоа е најхранливо, а меленото треба убаво да се одмрзне пред пржење, колбасите, пак, се…“. Ја слушаш, сепак, осата: таа зборува за слободата!

извор

КОН „ГЕОГРАФИЈА НА МАЛЕНКОСТА“ ОД АЦО ГОГОВ

Книгата со кратки прози „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов, условно составена од четири дела („Пред-слово“, „Слова“, „Пред-слика“ и „Слики“) во кои се поместени вкупно четириесет кратки прозни записи, во два циклуса „Слова“ и „Слики“, парадоксално (та и нели содржи еден оксиморон во својот наслов!?), се чини, пред се`засегнува една епска тема која на друг начин е разработена во едно друго дело, „Кон другата земја“, од Митко Маџунков, а тоа е другоста (себеспознавањето преку/ во очите на другиот/ читателот/ второто јас). Имено, самиот наслов сугерира неколку прашања од типот: „кој сум јас?“, „кој е мојот простор?“, „како да го опишам и запишам?“, и што е уште поважно „како да го именувам?“. Впрочем, како и Маџунков, Гогов не само што ја тематизира другоста (опозицијата „себе“: „друг, низ полето/ телото на јазикот) ами како да тргнува токму од местото кога, главниот лик од „Кон другата земја“, Кирил, на својот син му зборува дека ќе му напише книга „не од зборови, туку од она од што тие настанале“ и ја развива својата „приказна“, запрашувајќи се што со тоа мисли Кирил: Како без зборови да се напише книга? Куриозитет е што оваа книга во својот нерафиниран облик, прво го освои интернет просторот, а потоа хартијата! Читањето, пак, на „Географија на маленкоста“ бездруго, претпоставува една книжевна компетенција во Џонатан Калер- овска смисла, каде да се интерпретира делото значи да се раскаже приказната за читањето.
Гогов во својата книга кратки прози не вели дека го знае одговорот од спомнатите прашања, ниту пак стапува во некаков директен дијалог со наведената книга, но сите слова и слики во неговиот земјопис на маленкоста, се еден од можните одговори на прашањата: „А што беше пред зборот?“, односно, „Од што е составен зборот?“, конечно: „Што го предизвика зборот да се појави?“. Одговорот можеби е неважен и арбитрарен, и не се состои само во поврзаноста на зборот со сликата, и обратно, и можеби самата потрага по одговорот, самата игра е поважна од одговорот, зашто Гогов знае дека тоа не е само онтолошко прашање за постанокот на нештата, на јазикот, на текстот, (на јазикот и текстот како тело и дело), па затоа избегнува да филозофира, (но не е и да биде нефилозофичен кога на пример, на крајот од „Пред-словото“, поентира: „Кажи постојам!“). Така тој се појавува истовремено и како Создател, но и како (библиски) Читател на она што го создал!
Гогов со своето писмо, посочува дека длабоко припаѓа на традицијата којашто го карактеризира спојот помеѓу интелектуализмот и сексуалноста, во Ролан Барт- овска смисла, каде читањето е споредено со Еросот, писмото со заведувањето, предавањето со играта. Уште во самиот почеток на „Географија на маленкоста“, со Пред-словото, тој му се обраќа на читателот, заведувајќи го и повикувајќи го на игра: „Треба да се пополни белината, читателу“, така не само што го воведува како еден од чинителите во текстот, како „собеседник“, како „имплицитен читател“, туку и на формално ниво, како жанровска конвенција, како муза која се повикува да му помогне на поетот, да го вдахне, да го каже зборот, како рамноправен, како некој на кого Авторот му го отстапува престолот, за тој да го каже всушност она што веќе го знае. Тоа се отчитува и во вториот дел на книгата, во единствената „Пред-слика“, кога експлицитно ѝ се обраќа на музата Калиопи, всушност правејќи го ова дело со (најмалку) два почетоци, истовремено создавајќи и едно отворено дело, кое парадоксално, како што вели Умберто Еко, наспроти затворениот текст (т.е оној што е отворен за секое можно читање), како отворен текст е затворен за определени читања.
Кога Ацо Гогов, на вака заводлив начин си игра со конвенциите (т.е. со почетокот и крајот), односно „одложувањето“ на крајот во Пол Рикер- овска смисла, се чини е инспириран од она што Митко Маџунков го вели во „Кон другата земја“ за словенскиот свет, словенскиот простор, дека е тоа еден бришан простор, еден простор на заборавот, еден устен дијалог, усна култура, историја која има многу почетоци, а малку краеви, историја која има многу „оратори“, а малку „пишувачи“, секако мапирајќи еден простор кој долго време бил не само лишен од писменост, туку и од сеќавање, односно спомени, кои го сочинуваат знаењето за себе и за другиот. Парадоксално, и Гогов како да се согласува дека зборовите се составени токму од тоа- сеќавањата, кои ако останат незапишани бледнеат, стануваат нестварни, неточни и несоодветни (за себе и за другиот), па своевидната итност да бидат запишани ја наметнува и нивната фрагментарност, згуснатост, кондензираност како кратки прозни записи во самата „Географија на маленкоста“. Тие таму функционираат не само како „Слики“ и „Слова“, туку токму како еден простор кој се населува, како зборови кои ја добиваат својата полнозначност во мигот на своето создавање, во мигот на изговарањето и артикулацијата! Овие зборови не се само слики, не се само ,,имагинативна искуствена способност со помош на некои средишта да се досегне тоталитетот’’- тие можеби се самите средишта. На почетокот беше зборот, а пред зборот беше сликата, а пред сликата … случајноста?
На тој начин, бележејќи ги тие „сеќавања“, Гогов најмногу се доближува до кратката проза на Иво Андриќ, посебно до фрагментите од „Знаци крај патот“, со својата навидум попатност, како еден вид на интимен дневник, импресии по повод некој настан или средба, патеписни белешки, скици за портрет и сл., а со својата рефлексивност и со својата длабока замисленост тие фрагменти се наметнуваат како огледало на неговата душа. Иако не е ист принципот на организација на текстовите во книгата, како кај Андриќ, и кај Гогов не е пресуден текот на времето, како што е случај со класичниот дневник, туку спонтаната работа на душата која живо и чувствително реагира на секојдневните поттици, и ги преработува во медитации и визии, во снимки на пределите и луѓето, нивната радост, тага, осаменост. Како што вели Ролан Барт- „Животот е составен од ситни осамености, а токму нив ги бележиме со најсофистицираната камера – очите.“ – така и Гогов, спонтано и незадолжително, со љубопитни очи го реди својот духовен дневник. Текстот во книгата, за разлика од кај Андриќ, не расте и не се развива како органско ткиво: еден фрагмент да се потпира на друг, овој на следниот и така до крај. Сите текстови се со прилично иста должина и не формираат една целина. Во таа смисла, се забележува одредена неотпорност: текстовите од циклусот „Слова“, особено оние кои го тематизираат јазикот со неговите делови (граматика, реченица, интерпункција), ја немаат силината и убедливоста на повеќето од циклусот „Слики“, зашто не се издигнуваат на едно повисоко ниво на поетизација, туку се задоволуваат почесто да функционираат како една јазичка игра која завршува со некаква поента. Со својата композиција, од два дела („Слова“ и „Слики“) со две „преткомори“ („Пред-слово“ и „Пред-слика“) „Географија на маленкоста“, всушност претставува вивисекција на едно срце (со своите комори и преткомори), запис на еден кардиограм, на безброј мали, но силни срцеви отчукувања, на еден збран живот во простор кој допрва ќе се шири и ќе освојува додека не стане географија на еден рид, една река, една улица, една љубов… еден живот!
За Гогов, како и за Ролан Барт, читањето и пишувањето се двете основни среќи кои го откриваат единственото соучествување помеѓу емоцијата и интелегенцијата: пишуваме, не за да ја материјализираме идејата, туку за да ја исцрпиме задачата што во себе ја носи сопствената среќа. Пишувањето е настојување да се неутрализира секоја моќ, да се говори без ароганција. Таков е тонот на раскажувачот во „Географија на маленкоста“, сугериран и во насловот: без ароганција, но моќен, суверен, на пишувач кој е сигурен во себе, кој знае, и кој е начитан, но и внимателен. Раскажувачот во „Географија на маленкоста“ е свесен дека сè има своја претходница, дека ништо не се создава од нула, и е свесен за сопствената лишеност, сопствената маленкост, за својот осиромашен простор кој досега го населил и оплодил, односно како што во еден од последните фрагменти самиот вели: „Нема гори и ридови“. Оваа книжевна објава е секако еден рид во тој згрчен простор, и поттик за едно творечко ослободување на Ацо Гогов, од кого во иднина очекуваме уште комуникација како читатели.

Т.Б.

категории: култура · литература · наука · општество · раскази · уметност · филозофија
Tagged: , , , , , , , , , , , , , ,



19 responses so far ↓

  •   lupcobocvarov // јан 16th 2010 at 16:23

    “Пишувањето е настојување да се неутрализира секоја моќ, да се говори без ароганција.“
    ==========
    Професоре Козма,
    јас мислам дека пишувањето е првиот очигледен облик на ароганција.
    Нуждата е мајка на сите интелектуални човечки дејности.
    Првите раскажувачи на приказни биле инвалидизирани луѓе-ловци кои тоа го правеле за парче мевце, крај пештерскиот огин.
    Дотука, таа дејност е пристојна и постои еквивалентност во размената “приказна за храна“.
    Но, кога таквиот раскажувач на приказни нив ќе ги запише на некаков носач на знаци и така ќе ги умножи за да ги продава, тој станува очигледно арогантен бидејќи, преку своите продадени пишуванки, се прави присутен истовремено на повеќе места и така за истиот раскажувачки труд добива многу парчиња мевце.
    Тој принцип на мултипликација на приказната преку пишување е темелот на сета идна човечка ароганција, особено застапена денес во индустријата на масовната забава преку модерните носачи на звук, слика и збор.
    Значи, според мене, треба како етичка претпоставка да се земе дека писателите се арогантни, освен оние кои своите приказни во книги или на друг нотификационен начин ги даваат на другите луѓе бесплатно.

  •   prezviterkozma // јан 16th 2010 at 16:53

    хех, Љупчо,
    имаш поента… :)
    во крајна линија, што е ароганцијата?
    некогаш тоа е порок, некогаш тоа е доблест… :)
    па, и Р. Барт ја негува етиката на нијансата, наспроти клишето… :)
    целиот живот е расправија за вкусовите и нијансите: доброто потекнува од убавото!
    а, ако вкусот е ултраинтелигеницја, т.е. знаење да се избере/ вкуси/ расправа за нешто, тогаш кој е поарогантен: тој што го има тоа нешто и сака да го сподели, или оној кој повеќе преферира да нема нијанси, да има терор на просечноста заради личното чувство на онеправданост дека не може (или не знае) да си го дозволи?
    точно, најдобрите работи се бесплатни, но убавината се плаќа… најчесто со живот!
    ако некој си го посветил животот на тоа, а литературата не е несериозна работа, тогаш му е дозволена и малку ароганција… :)
    но, поентата на цитатот не е овде, туку во она што го вели Махмуд Дарвиш:
    „Како повозрасен сфатив дека поезијата е тешка, но сепак возможна работа, но работа што не може да го смени светот. Наместо тоа, поезијата може да размести кандилца во мракот. Точно е дека поезијата е нешто кревко, но таа ја има силата на свилените нишки, густината на медот. Поетите треба само да веруваат во ефикасноста на нејзината кревкост. Колку е потежок ударот на бруталноста, омразата и војната, толку е поголема и потребата за средство против нив: поетскиот збор… за да ја засили нашата перцептивност и свеста за човештвото и човештината и со упорност да го продолжи нашиот сон за слобода и мир, како и нашата верба за човечкото заедништво.“

  •   partik // јан 16th 2010 at 18:57

    Сте развиле интересна дискусија…
    Мошне ми се допаѓа толкувањето на Љупчо за првите раскажувачи…веројатно и така било. Јас самиот фатив од времето на последните раскажувачи… тие беа омилени во средината и обично поштедени од работата, зашто умееја нешто што другите не можат. Самото умеење им даваше за право да бидат арогантни. А уметникот и кога е „голо куче“ и кога не добива мевце, носи со себе некаква ароганција, колку и да би сакал да ја прикрие…
    Поздрав :)

  •   prezviterkozma // јан 16th 2010 at 19:42

    ароганцијата (или горделивоста) се и знак на слабост… може ли да ги обвини некој уметниците што се слаби во смисла на кревки, несигурни, презаштитнички во однос на своите идеали и она што веруваат?
    мора да се разликува таа ароганција, од да речеме политичарската ароганција…
    дури и кога се арогантни, уметниците се понизни, зашто ја знаат и чувствуваат болката на светот како своја…
    политичарите се трговци и со својата и со туѓата болка…
    потеклото на раскажувањето, на раскажувачите, раскажувачката вештина е тесно врзана со појавата на митовите…
    условно кажано, пред тоа, не ни постоеле раскажувачи…
    не ми е плаузибилна идејата дека раскажувале само оние што не можеле да си обезбедат храна, па тоа им било начин да си ја платат… тоа ќе значи дека нивното ограничено искуство е вкоренето во нашата колективна свест, што може да се разбере дека на некој начин сме инвалидизирани или кастрирани… зошто на пример ловците да не се првите раскажувачи? тие имаат многу повеќе што да раскажуваат од некој кој само седи „дома“!
    не ми се допаѓа тој ексклузивен пристап… напротив, мислам дека не може да се предвиди кој се бил носител на таа улога, во какви услови и за какви потреби…
    знаеме дека античката трагедија потекнува од дизнизиските обредни игри… прво биле хорските песни (значи пеењето е пред раскажувањето), потоа се издвојува хорифејот и стапува во дијалог со хорот, па на крај се појавува драмата во класична смисла… како самостојна практика, раскажувањето се одделува подоцна од овие, иако и во хорските песни всушност се раскажуваат настани (ама сепак тоа е колективна, а не индивидуална фунцкија)…
    ви благодарам за придонесот во дискусијата…. :)
    поздрав… :)

  •   partik // јан 16th 2010 at 20:46

    Вака…првите раскажувачи веројатно биле прекалени ловци со богато искуство, кои умееле своите доживувања да ги пренесат на интересен начин, поради што и се разликувале од останатите.
    А се согласувам околу разликата на ароганцијата кај политичарите и уметниците.

  •   prezviterkozma // јан 16th 2010 at 20:52

    кој ќе знае, пријателе… :)
    исто толку веројатно е и да биле номади или градинари… :)
    има митови кои ги покриваат и овие (всушност сите) полиња на човековото искуство… :)
    зошто само одредена, „повластена“ група, или поединци би биле задолжени за тоа?
    :)

  •   БЛОГЕРАЈ — Blog — Географија на маленкоста - Ацо Гогов // јан 16th 2010 at 22:06

    [...] Извадоци од „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов: [...]

  •   Диванисов // јан 16th 2010 at 23:36

    најпрво честитки до Ацо Гогов .. пријатно е друштво на промотери што ме привлекува кон муабетот и „Географијата на маленкоста“ ..

    .. свеста ми се чини до колективната се придвижила кон индивидуалната, постепено со промените на усовијата, но изгледа дека клатното на свеста е тука некаде отклонето близу крајната точка на индивидуалната му страна .. она како – толку сум инивидуализиран што самиот себе не сакам да се слушам :) .. ловците-собирачи како претходници на сточарите-номади, а овие претходници на земјоделците, упатно е да се првите раскажувачи, е сега, кај колективна свест некој да се гребе за парче мевце малку ми е неупатно, можеби најфункционално било тие да ја превземат таа улога на раскажувачи, улога која нималку не е за потценување .. ловот со следењето траги, групната координација и одделни улоги на ловците, сигналите од околината и животните, и крешчендото со уловот, баш е онака раскажувачка појава, која ете, до ден денес привлекува заседнати слушачи со крај огнот пропратено со споделенување на храната .. но градинарите денес се нужност, не за друго, но нема повеќе што да се улови во природата – ја уловивме топтан самата природа па сега остана да се ловиме меѓусебно .. но и таа е стара приказна, уште од Каин и Авел, кога земјоделецот го убива номадот за земја, та денес дури и Каин ги добива симпатиите на Господ, загрозен и истребуван пред новиот киборг човек на фосилните горива и атомот .. ете малку и од мене прикаски за вечерва .. убав поздрав!

  •   prezviterkozma // јан 17th 2010 at 00:26

    благодарам за честитките, од името на Ацо, пријателе… :)
    знаев дека ќе дадеш убав придонес кон дискусијава со својот увид, и мило ми е што тоа го направи на така својствен начин… :)
    почесто раскажувај, пријателе… :)
    поздрав за добра ноќ!
    :)

  •   kihuПотру // јан 17th 2010 at 01:04

    јас само ќе додадам (за раскажувачите) дека оделе по работ, биле успешни што до ден денес ја зачувале најстарата алатка и уште ги има храбри кои се борат со својата материјална “глад”. но секако според мене добар раскажувач не е оној што успешно ти ја открива патеката до работ, без претходно и самиот тој знае да се врати назад кај мевцето. :)

  •   lupcobocvarov // јан 17th 2010 at 01:25

    Евааа,

    како коментатор да речеш:

    “Првите раскажувачи на приказни биле инвалидизирани луѓе-ловци кои тоа го правеле за парче мевце, крај пештерскиот огин.“

    а потоа

    еден професор да ти возврати:

    “не ми е плаузибилна идејата дека раскажувале само оние што не можеле да си обезбедат храна, па тоа им било начин да си ја платат… тоа ќе значи дека нивното ограничено искуство е вкоренето во нашата колективна свест, што може да се разбере дека на некој начин сме инвалидизирани или кастрирани… зошто на пример ловците да не се првите раскажувачи? тие имаат многу повеќе што да раскажуваат од некој кој само седи „дома“!“

    при фактите дека:

    1. твојот поим “инвалидизирани луѓе-ловци.“ во себе веќе го содржи одговорот на отпосле поставеното прашање “Зошто на пример ловците да не се првите раскажувачи?“

    2. Изразот “Првите раскажувачи на приказни биле инвалидизирани луѓе-ловци.“ не значи тврдење “ дека раскажувале само оние што не можеле да си обезбедат храна,“ – бидејќи не е употребен исклучувачкиот збор“само“;

    и врз основа на такви две погрешни читања, потоа да ти ја тупоса својата ученост:

    “ дека знаеме дека античката трагедија потекнува од дизнизиските обредни игри… прво биле хорските песни (значи пеењето е пред раскажувањето),“

    со која така олеко го прерипува фактот дека ти си зборувал за пештерските луѓе кои живееле десетици илјади години пред тие антички трагедии -

    да, тоа е навистина добра трагична причина за човек да се посипе со пепел, да си земе керамитка за да си ги чеша крастите и да појде да живее на депонија и таму да им коментира на чавките и гавраните.

    Среќо моја, ќе те барам на буњиште!

  •   @ » Blog Archive » ЌЕ СИ ОДАМ // јан 17th 2010 at 03:18

    [...] еден професор да ти возврати: [...]

  •   prezviterkozma // јан 17th 2010 at 13:13

    токму тоа, љупчо: пред тоа, тешко и може да се зборува за раскажување, барем не со зборови, иако пештерските слики, се чини, се токму тоа- со опишаните сцени на лов, но нели зборуваме овде за имагинативно раскажување, не на конкретни настани… да не влегуваме во маѓепсан круг, што е попрво, јајцето или кокошката… не знам зошто и како толку сериозно ги доживуваш репликите од страна, не верувам дека има потреба, ниту пак со тоа е нападнат твојот интегритет… :)
    а, околу контрадикторностите, тоа се чита и без да побрза некој да го истакне: ако се` е совршено кажано, нема да има полемика, ни дискусија (и овде не измрдувам за да оправдам некој свој личен превид)… блогот е форум, тука сме да разменуваме идеи и ставови, не да се закопуваме, или фрламе на буниште…
    што се однесува, дали се наметнувам како авторитет, тоа не ми е важно, ни пресудно во комуникацијата: притоа морам да изразам жалење што и двајцата изгубивме предвид еден факт: раскажувањето не потекнува од стварноста (барем не онаа опипливата)- првиот раскажувач, веројатно, се појавил кога посакал да го раскаже својот сон (и откако некој се нафатил да го сослуша и да му поверува на сонот, а не да мисли дека тоа навистина се случило)… се` друго, и да било раскажување пред тоа (на пример, сцени од лов и сл.) ми се чини не било сфаќано како такво, туку како гола информација…
    поздрав, и имај убав ден… :)

  •   prezviterkozma // јан 17th 2010 at 13:20

    кихуПотру, интересна забелешка… :)

  •   gocajаska // јан 24th 2010 at 23:51

    … хе,хе …
    … пазииииииииии !!! – жена вози …
    … седам јаска со Бого и си играме шах … Бого кој всушност е Таа … гледа у троа ловците колку се нечујни , податливи едноставно неприметни , прецизни , совршено ефикасни и оп … мевце на софра …
    …и ми вика … Гоцо јаска … ај слези на Земаља земи го Дион од Нимфата и однеси го кај Св.Илија громовнико и елај си при мене … јаска чинев како ми беше заповедано … кога ме виде малио Дион веднаш сонце го огреа и раце ми подаде … Нимфата ниту ме опули , ниту ме сети ,за да ме опули … беше зафатена на тоа компјутеро … ткаеше судбини за човеците =) …
    … го дадов Диона на Св.Илија громовнико и си седнав да доиграм партијата со Бого кој всушност е Таа …
    … Нимфата заврши тоа судбините и ми веља … Гоцо Јаске веднаш да ми го вратиш Диона оти ќе сторам муживе да владеат со свето …
    … јаска пула у Бого кој всушност е Таа … а таа ми вели … глеј у куглава … Св.Илија громовнико ламји девет тепа сос Диона … Дион осум ги отепа , деветтата Св Илија громовнико ја закла …
    … Јаска си гледам у тоа куглата , а Нимфата надглава ми стои и ми веља … ах , Гоцо , Гоцо само филмови гледаш … ајде фати се за работа АВАТАР ДА БИДЕШ … та ваистина да им ја кажеш на човеците =) …
    … кој поверува СПАСЕН Е ;)

  •   gocajаska // јан 24th 2010 at 23:53

    … да си пишуваш калиграфски до себе … а потоа да го уновчиш писмото од човеците … навистина е талент …
    … Гогов Аце си има прекрасни мисли …
    … воскреснувачки прекрасен раскажувач :)
    … гушкааааааааааааа … :)

  •   prezviterkozma // јан 25th 2010 at 00:06

    хехе, гоцке, таман си го врзав појасот за едно вака лудо возење, и се појави ти… :)
    случајност, или? :)
    да, ацо, како што вели јасна котеска е вистинско освежување во подзаспаната македонска проза… :)
    прегратки и бакнежи!
    :)
    п.с. сега ќе видам како и зошто твоите коментари чекаат на одобрување и ако можам да ги опраам… :)

  •   gocajаska // јан 25th 2010 at 16:12

    … оти сум СПАМЕР 8-)

  •   prezviterkozma // јан 25th 2010 at 16:25

    гоцке, ај за мој атер, и на најновиот пост, чисто за да не остане без ниеден коментар, а толку е добра обработкава на песната на пол макартни, многу подобра од оригиналот, како целосно нова песна да е… џиџитка… :)

You must log in to post a comment.