Штркот Единак

БОЛЕН ДОЈЧИН

септември 17, 2009 · Нема коментари

 Болен Дојчин

Кога бев преполн сила
што придојдува како матна речна глава,
кога се сетив вреден за мојот подвиг,
достоен за слава,
кога ми закрепна гласот за најдлабок збор,
раката за најтежок меч,
ногата за најверен од –
тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род.

Една потсмешлива сенка ми ја издемна трагата,
како змија во гробно камарче се вовлече во свеста,
смеата ми ја урочи, ми ја зацрни тагата –
да се обѕирам подозриво, да думам да шестам.
Тогаш се сетив ситен и смешен и долен, –
се стопи снагата,
капнаа раце,
падна мечот,
паднав болен.

Болен лежам до девет години,
што искинав до девет постели.

Не ги чувствувам веќе своите зглобови,
јас сум расфрлан на тврда ледина
на пеколен пладневен присој,
јас сум раскостен коска од коска,
низ моите коски трева поникнало,
низ таа трева змии се ведат.

Јас копнеам гроб темен и студен –
нема крај без мојот подвиг суден.

Непозната жено, единствена на светот,
сестро и мајко моја, ти што си страдала многу,
ти што си сетила мака до вбигорување,
дојди, сестро златно,
збери ги моите мувлосани коски, не грози се,
состави ме,
повиј ме со триста лакти платно,
речи ми тих реч,
исправи ме,
научи ме пак да одам, мајко,
дај ми в рака меч –
да убијам Црна Арапина.

Да умрам.

 

Блаже Конески

категории: поезија



0 responses so far ↓

  •   interpreter // апр 17th 2014 at 10:31

    Читам и ги чувствувам морниците низ сопственото тело

  •   literanova5 // апр 17th 2014 at 10:31

    не знам, не сум имал такво искуство… сеуште ме крепи незабранетата… :)

  •   prashinka // апр 17th 2014 at 10:31

    …..поздрав и пријатен (петочен :) ) ден :)

  •   literanova5 // апр 17th 2014 at 10:31

    Презвитер, оваа песна ми е межу фаворитите и повеќепати веќе преку нејзините стихови ја имам на блогерајот објаснувано смислата на постоењето…. Всушност, слабост ми се сите песни кои го реконструираат митот и преку него се обидуваат да дадат одговор на некои егзистенцијални прашања… Најтешка болест е таа која ќе ти ја нагризе самодовербата… Но љубовта, таа секогаш ќе не крепи и исправува до конечниот подвиг, ќе ни ја враќа силата и ќе не води напред… Убав избор…

  •   Наташа // апр 17th 2014 at 10:31

    Вечниот Ерос и Танатос, Козма?
    нема коментари,
    едноставна и силна е силата која тука тече… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    интерпретер, песната е убаво морничава, и кој и да ја прочита, и колку да ја чита, не може да те остави рамнодушен… се` што е потребно е отворен сензибилитет, а ти тоа го имаш… :)
    поздрав… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    мило прашинче, благодарам… :)
    твоите насмевки се толку пријатни, дури и денот ако не е… :)
    имај убав остаток од денот… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    литеранова, да, меѓу другото… :)
    едно прашање: дали забранетата љубов крепи?
    поздрав… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    наташа, како и секогаш, право во центарот… :)
    мило ми е што си овде… што да додадам на твојот коментар кога си во право!
    имај убава вечер со твоите најблиски… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    уморен сум друштво, уморен… а толку млад… :(

  •   prashinka // апр 17th 2014 at 10:31

    извини , морам да прашам зошто уморен? :(

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    начелно, нема ништо погрешно во љубовта, каква и да е… само треба да знаеш да живееш со неа, како и без неа… :)
    поздрав, литеранова… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    ако, прашинче, прашај си… :)
    уморот е субјективна категорија, и однадвор може да не се забележува, а внатре да „придојдува како матна речна глава“ и да те совлада кога најмалку очекуваш… е, сега, за некој што е умор, за друг е сила… brains over hearts, тоа сум јас… колку сакам да сум обратно… можеби сум уморен обидувајќи се… како и да е, малку одмор добро ќе ми дојде продолжениов викенд… :)
    имај убава ноќ… :)

  •   literanova5 // апр 17th 2014 at 10:31

    без љубов си празна вреќа а во таква никој не се загледува… aј, одам јас да спијам… поздрав и најубави соништа… :)

  •   prezviterkozma // апр 17th 2014 at 10:31

    лека ноќ… :)

You must log in to post a comment.